НАЈГОЛЕМАТА ОПОЗИЦИСКА ПАРТИЈА СТАНУВА „БЕЗДОМНИК“ - судот им ја конфискуваше Белата палата
Поранешниот премиер во азил во Унгарија Никола Груевски и некогашниот партиски генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски се прогласени за виновни за незаконска изградба на новото партиско седиште на ВМРО ДПМНЕ и незаконски наплатиле пари од скопската фирма Бетон, со чии пари купиле недвижен имот.
Вака денеска пресуди Кривичниот суд во предметот Талир 2.
Инаку, судот пресуди и конфискација на партиското седиште кое е изградено со спорната зделка, а за која беше отворен кривичниот предмет. Белата палата како резултат на кривично дело се одзема од партијата поради правната одредба од член 97 на Кривичниот законик, а таа гласи: „Никој не може да ја задржи непосредната и посредната корист прибавена со кривично дело.“
Судот му одредени казна затвор од шест години на првообвинетиот поранешен премиер и партиски претседател кој е во бегство, Никола Груевски, додека на второобвинетиот поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски му одреди условна казна затвор од две години. Тие незаконски, со злоупотреба на положба за партијата ВМРО-ДПМНЕ прибавиле нов објект вреден 7 милиони евра и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот. Десетина партиски канцеларии купени после тој период низ цела Македонија исто така се конфискувани со првостепената пресуда.
Судијката Даниела Алексовска Стојановска по пресудата порача дека во конкретниот случај обвинетите како одговорни лица од највисок ранг во политичката партија се издигнале над законот.
Судијката Алексовска-Стојановска ја образложуваше пресудата скоро два часа. Според неа, колективните тела на партијата ВМРО-ДПМНЕ ги спроведувале личните одлуки на Никола Груевски, а во тоа по задача се вклучил и второобвинетиот Кирил Божиновски. Според образложението, тоа го потврдиле и сведоците во своите изјави.
Груевски и Божиновски презеле дејства за да остварат противправна корист за партијата, иако тоа е целосно спротивно од законот за политички партии. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека партиските органи биле само покритие, не учествувале во одредувањето на процентите во новата градба на проширеното место на старото седиште, туку само формално одобрувале. Постапката била само привидно правно валидна.
„Сѐ произлегуваше од моќта на политичката партија“, рече судијката за кривичното дело кое се одвивало од јули 2012 до август 2016 година. Според пресудата ВМРО-ДПМНЕ го добила новото седиште спротивно на законот, со договор со „Бетон“ кој бил во голема мерка корумпиран, затоа што градежната компанија во тие години дури 75 отсто од нејзините активности ги остварувала во зделки од јавни државни тендери. Освен што бил несразмерен процентот во заедничкиот договор за изградба на хотел и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, „Бетон“ во неколку наврати потоа ѝ исплатил на партијата 132,5 милиони денари (2,1 милион евра) кои потоа биле искористени за купување на недвижен имот во повеќе градови во државава.
