Најголем проблем играњето на свадба: Комисијата за заразни болести не дава препорака за организирање веселби
Комисијата за заразни болести смета дека е премногу рано за организирање свадби. На денешниот состанок присуствувале и претставници од угоститетлите кои организираат вакви веселби, и иако имале подготвени протоколи, Комисијата за заразни болести оценува дека се уште постои голем ризик од зараза со корона вирусот.
- Нивните протоколи се во ред што се однесува до распоред на седење, влегување во рестораните, начин на дезинфекција, сето тоа е во ред. Но, веселба е веселба, секогаш ситуацијата може многу лесно да излезе од контрола. Не може едноставно да се направи социјално дистанцирање при играњето, на пример. Бројот на новозаразени се уште треба да паѓа. Затоа, ќе почекаме со давање препорака да се одржуваат сведбени веселби во земјава, велат од Комисијата за заразни болести за Фактор.
Инаку, угостителите кои имаат големи сали каде може да се организираат свадбени веселби, уште во текот на минатата недела побараа од Комисијата да ги прифати нивните протоколи за работа, оценувајќи дека тие ќе бидат безбедни по здравјето на присутните на веселбата, многу повеќе отколку тоа да се организира во домашни услови, дворови и слично без соодветен протокол за заштита.
А.Б.
