Најчевска: Ковачевски, Маричиќ и Османи се согласуваат со сè што ќе кажат соговорниците и ја цинкарат опозицијата
Професорката Мирјана Најчевска ги искоментира средбите на македонските политичари со странските деновиве.
Таа вели дека тие не ги презентираат проблемите кои ги имаме.
„Не гледам Ковачевски, Маричиќ и Османи на било која од средбите кои ги имаат со претставници на други држави да ги претставуваат потребите и барањата и загрижите на граѓаните кои ги претставуваат. Тие само се согласуваат со сè што ќе кажат соговорниците и ја цинкарат опозицијата. Имам впечаток дека странските државници веќе не се однесуваат кон нив како кон нерамноправен партнер туку како кон милениче кое го тапкаат по главата и го фалат кога ќе ја послуша командата од дресурата. Седи, лежи, моли, дај шепа, ... Се разбира ова е за пред публика“, пишува Најчевска.

Премиерот Димитар Ковачевски, при посетата на Словенија, каде учествува на Бледскиот стратешки форум, се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Заменикот помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар минатата недела ја посети Македонија и се сретна со државниот врв.
