Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАЈЧЕВСКА: ЏАФЕРИ ГИ ПРЕКРШИ УСТАВОТ И ЗАКОНОТ - спикерот втор ден молчи за интерпелацијата

НАЈЧЕВСКА: ЏАФЕРИ ГИ ПРЕКРШИ УСТАВОТ И ЗАКОНОТ - спикерот втор ден молчи за интерпелацијата

Професорката Мирјана Најчевска е децидна дека спикерот Талат Џафери го прекршил Уставот и Законот за употреба на јазиците зборувајќи на албански јазик на меѓународна конференција, и сугерира дека Уставниот суд и Владата треба да преземат мерки.
„Со тоа што Талат Џафери во улога на претседател на Собранието на Македонија, во меѓународен настап зборувал на албански, а не на македонски јазик тој ги прекршил одредбите на Уставот и на Законот за употреба на јазиците“, пишува на својот фејсбук профил професорката Најчевска.

Таа нагласува дека според член 7 од Уставот, „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.

Тоа значи, според Најчевска, дека албанскиот јазик е службен само и единствено во рамките дадени во самиот член. Во членот 7 не се спомнува употреба на албанскиот јазик во меѓународни односи.

Според членот 1 од Законот за употреба на јазиците „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“.

Тоа значи, потенцира професорката Најчевска, дека албанскиот јазик е службен само и единствено во рамките дадени во самиот закон. Во Законот за употреба на јазиците не се спомнува употреба на албанскиот јазик во меѓународни односи.

„Уставниот суд и Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците, односно, Владата, треба да постапат во врска со ова прекршување на Уставот и на Законот“, децидна е професорката Најчевска. 

Ксако што е познато, опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа интерпелација за спикерот Џафери.
Пратеникот од Левица Димитар Апасиев и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, на вчерашната заедничка прес-конференција образложија дека интерпелацијата е поднесена бидејќи Џафери во обраќањето на самитот на Европскиот парламент говорел само на албански јазик, но и поради начинот и примената на албанскиот јазик во Собранието, како и за гласањето на пратениците.

Новинарирте и вчера и денеска бараат реакција на спикерот Џафери околу интерпелацијата, но оттаму и денеска одговорија дека „ни денеска нема да има реакција“. 

Слично

Поврзани вести