Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАЈЧЕВСКА ДО МАРИЧИЌ: Граѓаните кои се 20 отсто немаат стекнати права, туку посебен вид привилегии, за тој проблем ќе треба да се дискутира

НАЈЧЕВСКА ДО МАРИЧИЌ: Граѓаните кои се 20 отсто немаат стекнати права, туку посебен вид привилегии, за тој проблем ќе треба да се дискутира

Професорката Мирјана Најчевска реагира на изјавата на министерот за правда Бојан Маричиќ, дека резултатите од пописот нема да доведат до промена на уставните категории, и дека правата на Албанците, односно граѓаните кои изнесуваат 20 отсто, како што рече, никој нема да ги чепне.

Според професорката, пак, овие граѓани имаат привилегии, и во нивниот случај не станува збор за нивни стекнати права. 

„Во Уставот и во законите стои многу конкретна бројка. Таа бројка е поврзана со одреден вид привилегии.

Не станува збор за стекнати права туку за посебен вид привилегии кои се дадени на одредени луѓе со цел надминување на ситуација произлезена од претходна дискриминација.

Некоја белосветска будала реши ова да го поврзе со одреден процент од населението.

И сега кога излезе на виделина глупоста ќе измислуваме шарени лажги и ќе го изигруваме правото?

Па уште и навреди и закани од страна на човекот назначен на функцијата министер за правда за да се спречи дури и расправа за настанатиот проблем.

Крајно недолично е за еден министер да даде изјава со која се поттикнува цензура“, пишува професорката Најчевска на својот фејсбук профил.

Министерот за правда, Бојан Маричич, пак, вчера рече дека резултатите од пописот нема да доведат до промена во уставните категории, во гостувањето на ТВ21. Тој кажа дека граѓаните треба да имаат доверба и да не стравуваат за своите стекнати права.

„Треба да се означи колку имаме резидентни граѓани, а колку нерезидентни. И двете групи ќе бидат вклучени во крајната вкупна бројка што е битна за уставните категории. Уверувам дека никој нема да загуби никакви права“, вели Маричиќ.

Министерот додаде дека правата се гарантирани и стекнати и дека, како што вели, никој нема да ги чепка.

„Ни треба реална бројка, не очекуваме големи отстапки, но за правата има политички консензус и никој не треба да се плаши дека некому нешто ќе биде одземено. Ако некој го тврди спротивното тоа се единствено деструктивните политички сили“, кажа Маричиќ.

Слично

Поврзани вести