Економија, финансии, бизнис

Контакт

Најблиските соработници со честитки до Мицкоски: „Вашата визија инспирира и обединува“

Најблиските соработници со честитки до Мицкоски: „Вашата визија инспирира и обединува“

Министри, градоначалници, најблиски соработници испратија честитки до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за неговиот реизбор за претседател на партијата, за кого денеска во Кавадарци гласаа 804 од присутни 817 делегати. 

„Како делегат и градоначалник, денеска ја почувствував силата на секој глас и посветеноста на членството на ВМРО‑ДПМНЕ. Со 804 гласа „ЗА“, Христијан Мицкоски е реизбран за претседател – човек кој ја носи Македонија во срцето и води кон сила и перспектива. Честитки, претседателе! Горди сме што заедно работиме за иднина во која секој Македонец ќе ја чувствува слободата, гордоста и надежта за обединета држава. Вашата визија инспирира и обединува“, напиша градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. 

Честитки испрати и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој денеска, брзајќи на конгресот заработи опомена од камерите на „Безбеден град“.

„Честитки за реизборот на претседателот Христијан Мицкоски. Во години кога државата поминуваше низ најтешките политички и економски моменти, тој издржа, стоеше исправено и ја водеше партијата во вистинска насока. Денешниот реизбор е потврда за таа упорност, за визијата и за довербата што ја има меѓу луѓето. Пред нас е сериозна задача, да изградиме држава каква што навистина му доликува на народот, безбедна, праведна и развиена“, напиша Тошковски на Фејсбук.

Со подолга честитка се јави и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Вели, чест е да се биде дел од Конгресот на кој беше повторно избран Мицкоски, како единствен кандидат. 

„Заедно со претседателот Христијан Мицкоски, со верното членство, со упорност и искрена борба, изодевме долг пат исполнет со предизвици, но и со големи победи. Со многу работа, чесност и посветеност ја донесовме најзначајната победа за ВМРО. Убеден сум и дека во годините што доаѓаат, повторно предводени од Христијан Мицкоски, Македонија ќе чекори по уште посветла патека. Тој е човекот со кого пораснав, кој е еден од моите најблиски пријатели и познавајќи го, знам каква иднина ја чека Македонија. Заедно, создаваме силна и стабилна иднина за генерациите што доаѓаат, со визија што создава, што обединува и што носи надеж“, напиша Ѓорѓиевски.

Слично

Поврзани вести