Надлежните ќе чекаат резултати, блиските на починатата родилка обвинуваат за лекарска грешка
Низ лавиринтите на здравството во државата згасна уште еден живот на мајка родилка.
31 годишната гевгеличанка Елизабета Савиќ-Динева пет дена по породувањето во Општата болница во Гевгелија, на 29 јуни поради епилептични напади од непознато потекло од дома била донесена во Клиничкиот центар во Скопје, каде по две недели починала.
Од Министерството за здравство ќе ги чекаат резултатите од обдукцискиот наод па потоа ќе ги кажат ставовите, но ги негираат обвинувањата дека се работи за лекарска грешка.
„Починатата родилка била хоспитализирана на Клиникa за неврологија, каде останала 24 часa. Првично била во добра општа состојба, се хранела нормално, разговарала по што западнала во кома и еден час била ренимирана во Ургентен центар. Веднаш било побарано конзилијарно мислење од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), од каде информираат дека е постапено согласно сите протоколи, направени се сите иследувања, направено е КТ. По две недели во кома починала и телото е предадено на обдукција“, информираат од Министерството.
Додека, како што посочуваат дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат постапува во рамки на своите надлежности, а со вонреден инспекциски надзор се постапува во Општата болница во Гевгелија и кај матичниот гинеколог, блиските на родилката обвинуваат за грешка кај лекарите.
На социјалните мрежи пријателка на починатата Савиќ-Динева со емотивна порака пишува дека околу породувањето на Елизабета имало проблем и грешка.
Еве што пишува таа:
“И пак во борба со системот – победа за системот.
И пак истата грешка на гинекологија – Гевгелија,а во Скопје истата не можеа да ја исправат.
И пак жртва.
Но, овој пат премногу боли, зошто ТИ отиде дада Бетка. Неколку дена пред се да се случи, толку убав муабет и среќен имавме зошто ова е наша година кога на свет треба да ги донесеме нашите први деца и да живееме за нив.За жал ти не издржа!
Знаеме каде е грешката! Но , сите молчат! Нормално, зошто ова е Македонија или како се вика веќе не знам. И за крај не можеме да ти ветиме дека некој ќе одговара за тебе, зошто ова е некоја чудна земја каде за убиство не се одговара. Но,ти ветуваме дека ќе се грижиме за твојата ќерка. Денес е денот кога се простуваме засекогаш од тебе на твоето вечно почивалиште каде се надеваме ќе најдеш подобро место од ова!
Збогум најмила моја”.
Починатата се породила со царски рез.
