Над 27.000 казни досега преку „Безбеден град“
Паметните камери на системот „Безбеден град“ регистрирале над 27 илјади прекршоци за нешто повеќе од еден месец. Станува збор за прекршоци само во Скопје, Тетово и Куманово и во Коридорите 8 и 10.
„Во периодот од 2 февруари до 10 март 2026 година, системот „Безбеден град“, во подрачјата на градовите и во коридорите каде што се наоѓаат камерите, регистрирал вкупно 27.338 прекршоци“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Според официјалните податоци, поголемиот дел од прекршоците се поврзани со пречекорување на дозволената брзина.
„Прекршоците се поврзани со возење со брзина поголема од дозволената брзина или 26.077 случаи. Минување на затворен семафор, црвено светло, 253 прекршоци. Додека за управување со возило со истечена дозвола 1.008 прекршоци“, додаде гласноговорникот.
Надлежните нагласуваат дека системот „Безбеден град“ има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да го намали бројот на прекршоци и несреќи на патот, преку мониторинг со камери на клучните сообраќајни точки.
