Национален парк Шар Планина: Приватниот оператор со ратраци ќе биде пријавен за економски криминал
Еден ренџер од Националниот парк „Шар Планина“ е пвреден при кавга помеѓу вработени и лица од приватниот оператор кој со ратраци превезува скијачи до разни делови на планината.
Еден од операторите вчера се обидел со неколку ратраци да превезе скијачи, но вработените од Националниот парк го попречиле, бидејќи, како што велат, операторот немал склучено договор со Националниот парк за вршење на оваа дејност, особено што се превезуваат скијачи вон официјалните скијачки терени и патеки.
Во еден момент за малку бил избегнат посериозен инцидент кога ратракот тргнал директно на нив и повредил еден ренџер. Од НУ Шар Планина во денешната реакција тврдат дека ќе слледува и пријава за можен економски криминал.
„Во рамки на своите законски надлежности, покрај останатите активности, Јавната Установа Национален парк Шар Планина веќе четврта година континуирано работи на регулирање на дејноста скијање со ратрак-машини надвор од скијачкиот центар Попова Шапка. Вршењето на оваа дејност е предвидено со Планот за управување со Паркот и истата мора да се одвива на строго регулиран начин, според правилата предвидени во планот за движење на моторни возила. За таа цел, ЈУНП Шар Планина, како институција основана од Владата на Република Северна Македонија, има донесено низа одлуки и акти кои операторот – вршител на дејноста е обврзан да ги почитува.
Во вчерашната акција, службените лица на институцијата постапуваа исклучиво во рамки на своите службени овластувања, заради контрола над спроведувањето на законите, заштита на националното богатство на државата и природните вредности на Шар Планина. Оттука, немилиот настан врз вработените во Јавната Установа при извршување на службена должност, претставува напад врз државата, правниот поредок и директно влијае врз интегритетот на институцијата како и на секој нејзин вработен.
При вчерашниот настан, освен Директорот на Националниот Парк, Раководителот на Одделението за заштита на природата и Чуварите на природа, на местото на настанот беа присутни лица ангажирани од операторот, приватно обезбедување, сопственикот на хотел Арена и педесетина туристи. Дел од присутните лица, ангажирани од операторот, влегоа во конфликтни ситуации со нашите вработени, со што ја попречија нивната работата како службените лица, го нарушија нивниот личен дигнитет и го доведоа во ризик нивниот живот и здравје.
Заради ескалација на ситуацијата, лице вработено во институцијата во 9:15 часот, од местото на настанот, упати повик за полициска поддршка на бројот 112. Укажуваме дека сите повици на бројот 112 се снимаат и овој факт лесно може да биде потврден.
По нашето барање за помош, не беа преземени мерки против сторителите, ниту пак беше спречено понатамошното користење на возилата. Присутните го напуштија местото со скандирања и навреди. Поради сериозноста на настанот, веднаш по завршување на случувањето се упативме во Полициската станица во Тетово и поднесовме соодветна пријава. Сметаме дека законитоста на постапувањето на терен треба да биде предмет на дополнителна и темелна истрага.
Додека се даваше изјава во ПС Тетово, во 13:26 часот, на сметката на ЈУ НП Шар Планина пристигна уплата од 300.000 денари од ресторан „Арена“, со назначена цел на дознака: „Аванс за надомест за вршење дејност со ратрак по регистриран пат“. Ресторан „Арена“ не е оператор и со истиот ЈУНП Шар Планина нема договор за вршење на оваа дејност и не може да ја врши дејноста бидејќи не поседува соодветни лиценци за дојдовен туризам. Средствата се уплатени без претходно издадена фактура или барање за уплата од страна на институцијата и ќе бидат вратени во првиот нареден работен ден. За случајот е известен и Секторот за економски криминал“, реагираат од националниот парк.
Слично
