Набавен нов видео надзор за граничните премини
Министерството за транспорт и врски информира дека е набавен нов централен систем за видео надзор и автоматско препознавање на регистарски таблици на граничните премини
Системот во следниот период од една година треба да се инсталира на сите гранични премини во земјата, односно на вкупно 40 локации.
Денес е потпишан договорот со вредност од 928.500 евра. Ќе се користи за потребите на Министерството за внатрешни работи и Царинската Управа.
Тој опфаќа систем за видео надзор со 350 различни различни типови на дигитални камери, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците.

„Унапредувањето на транспортот и на безбедноста на патиштата во Република Северна Македонија се високо на агендата на Министерството за транспорт и врски. Во таа насока континуирано работиме на мерки и активности со кои што го развиваме транспортот и ова е еден од проектите кои што заеднички бенефит ќе има Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Царинската Управа и секако граѓаните со кои што ќе се подобрат условите за работа на граничните премини. Регионалната соработка е наш приоритет и продолжуваме со реализација на вакви проекти кои ќе донесат регионален развој“, истакна министерот Бочварски.
