На ВМРО-ДПМНЕ му оди во опозиција, долга расправа за новата влада
Денешната расправа во Собранието за избор на новата влада заврши, а ќе продолжи утре со единствената точка на дневниот ред. И вториот дел од дебатата во Собранието најмногу ја користеа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои упатија серија на критики кон предлог составот на ладата на мандаторот Зоран Заев, особено за економските прашања бидејќи немало назначено министри или вицепремиери кои ќе бидат задолжени за контакти со инвеститорите.
Во однос на економскиот дел од владината програма, сомнеж искажа и Лилјана Кузмановска зашто, како што рече, никаде не е дефиниран рокот за реализација на предвидените проекти или финансиската конструкција.
- Ова ме асоцира на една голема шарена лага како што беше ветувањето за вработување по еден во секое семејство, подвлече Кузмановска, додавајќи дека одговорни политичари презентираат мерки, како ветеното ќе го остварат.
На ова реплицираше Васко Ковачевски со напомена дека ВМРО-ДПМНЕ најмалку има право да зборува за кредибилитет.
- По една година ќе се срамите кога ќе видите што оваа влада ќе направи. Носиме промени, подобар живот за сите, рече Ковачевски.
Петре Шилегов од друга страна пак вети дека ќе се поправат аномалиите во општеството создадени изминатите 11 години.
- Ќе зборуваме за нова, современа Македонија во која ќе престанат поделбите, Македонија на слободни и еднакви граѓани кои ќе можат од својот труд да живеат достоинствено. Нема да има одмазда и реваншизам, ќе ставиме крај на поделбите, ќе го сотреме семето на омразата, но ќе има одговорност. Ќе изградиме земја на вистински вредности во која конечно, квалитетот ќе биде единствениот критериум за разлика од изминатите 11 години кога секој успеа да стане директор, министер и премиер. На тоа ставаме крај, потенцира Шилегов.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека седницата ќе продолжи утре во 12 часот, а прв за збор е пратеникот Димитар Стевананџија. Тој нагласи дека доцнење од страна на пратениците нема да се толерира.
- Ќе почнуваме со работа во закажаното време. Нема да чекам да дојде пријавениот за збор, ако не е тука навреме, истакна Џафери.
Расправата за нова влада почна претпладнево, а согласно Деловникот може да трае два дена.
