„На тротинет само со наполнети 18 години“ – Собранието на дневен ред ги стави измените на Законот за безбедност во сообраќајот
Владата предлага нови правила за електричните тротинети, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. Согласно предложените измени, лицата што управуваат со тротинети ќе мора да имаат најмалку 18 години, а максималната брзина се ограничува на 20 километри на час.
Покрај тоа, се заоструваат казните – освен глобата, тротинетот може да биде привремено одземен во период од 30 дена. Предлогот е ставен на дневен ред на денешната пленарна седница на Собранието на иницијатива на мнозинството.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека измените се резултат на анализи од последните две и пол години, во кои учествувале околу 2.000 лица, од кои 46 загинале, а 556 имале тешки повреди.
„Се врши интервенција на брзината за да се намалат прекршоците со електрични тротинети. Се зголемува старосната граница на 18 години бидејќи повеќе од половина од несреќите ги предизвикале лица на 16 и 17 години. Предлогот е ригорозен, но остава простор за идни измени. Со заострување на казнената политика, покрај глобата се предлага и привремено одземање на возилото на 30 денови. Предлагам измените да се носат по скратена постапка“, рече Мицевски.
Овие промени доаѓаат како дел од системската регулација на лесните електрични возила, со цел подобрување на безбедноста на патиштата и намалување на несреќите поврзани со тротинетите.
