Економија, финансии, бизнис

Контакт

На територијата на Центар мапирани 60 коцкарници, повеќе се од бројот на игралишта

На територијата на Центар мапирани 60 коцкарници, повеќе се од бројот на игралишта

„Шанса за Центар“ објави дека на територијата на скопската Општина Центар се мапирани 60 коцкарници. Теренското истражување на граѓанската иницијатива покажува дека има повеќе казина и кладилници отколку детски и спортски игралишта.

„Центар е казино-општина. Ги мапиравме казината, автомат-клубовите и кладилниците покрај кои поминувавме. Ги има 60, повеќе отколку сите детски и спортски игралишта заедно. Како што имаме извори на загадување на воздухот, имаме и извори на загадување на духот“, велат од „Шанса за Центар“.

Понатаму, бараат тие да бидат во зони надвор од градот. Прашуваат „како тоа воопшто деца влегуваат во кладилници и коцкарници“, затоа побараа и засилени контроли при влез.

„Бараме и драстични казни ако се затекне малолетник во коцкарница, казино и казните да бидат транспарентни и да излегуваат во билтен која коцкарница дозволила и колку е казнета. Бараме казните да бидат транспарентни и да се евидентираат платните налози, дека казната е платена. Со години се толерираат кладилниците и коцкарниците, како последица се јавија ‘брзите пари’ кои дополнително ги уништуваат личностите и семејствата“, реагираа уште претходно од иницијативата.

Инаку извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД) објавен на 22 декември лани, покажа дека секој четврти ученик се коцкал за пари. Коцкањето со физичко присуство е почесто (21%) отколку онлајн коцкањето (15%), иако и двете се значајно застапени. Проблематичното коцкање се зголемило од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 кај оние кои се коцкаат (9,3% од момчињата и 4,1% од девојчињата во 2024).


Слично

Поврзани вести