НА СРЕБРЕНИОТ ОЛИМПИЕЦ МУ СЕ СОБРАА НАГРАДИ ОД 57 ИЛЈАДИ ЕВРА - Дејан Георгиевски денеска беше и кај премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев утринава го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.
Премиерот Заев му честиташе на сребрениот олимпиец Георгиевски и со внимание се запозна со искуството на младиот спортист од настапот на олимписката спортска арена во Токио.
На средбата, премиерот Заев му се заблагодари на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакна дека Дејан е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.
За време на разговорот премиерот Заев рече дека успехот на Георгиевски е поттик за Агенцијата за млади и спорт да ги унапреди условите за развој на теквондото и другите олимписки дисциплини за кои постои широк интерес меѓу младите.
Исто така, од Владата информираа дека на 93-та седница ја дополниле одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Или, вкупно, од Владата и Агенцијата Георгиевски ќе добие 42,3 илјади евра.
Заедно со наградите, пак, со наградите од 600.000 денари од МОК и 300.000 денари од град Скопје, вкупната награда за сребрениот олимпиец ќе изнесува 57 илјади евра.
Покрај ова, на олимпиецот МОК му додели олимписка стипендија во висина од 1.000 американски долари месечно, што ќе ја добива до олимписките игри во Паризз 2024 година, а согласно категориацијата на успехот, Георгиевски веќе обезбеди за себе и доживотна спортска пензија од 1,3 просечни плати.
