Економија, финансии, бизнис

Контакт

НА ПРВИОТ ДЕН ОД КОТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКА БЕРЗА НЕ СЕ НУДЕШЕ И НЕ СЕ БАРАШЕ ГРАЃАНСКА ОБВРЗНИЦА - дали граѓаните решија да си ги чуваат и да си ги чекаат каматите, или е многу рано

НА ПРВИОТ ДЕН ОД КОТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКА БЕРЗА НЕ СЕ НУДЕШЕ И НЕ СЕ БАРАШЕ ГРАЃАНСКА ОБВРЗНИЦА - дали граѓаните решија да си ги чуваат и да си ги чекаат каматите, или е многу рано

Бесими и Штериев го заѕвонија берзанското ѕвонче за да го означат старот на котацијата на граѓанската обврзница, но вчера берзанско тргување со таа хртија од вредност не се случи.

Вчерашниот беше првиот ден во кој граѓанската обврзница почна да котира на Македонската берза. Заедно со голем број други државни обврзници, меѓу кои и обврзниците од денационализацијата.

Фактор се интересираше дали вчера на Берзата имало понуда од некој од граѓаните кои пред неколку дена инвестираа во граѓанската обврзница, евентуално да ја продаде оваа своја хартија од вредност. Исто така, баравме одговор и дали некој понудил да купи од граѓанската обврзница.  

Но, според нашите информации, вчера не се случила ниту понуда, ниту побарувачка, односно немало ниту куповен, ниту продажен налог, така што може да се констатира дека првиот ден на котација помина без тргување со граѓанската обврзница, но и од двете страни немаше ни заинтересираност за да се случи нешто такво.

Познавачите со кои комунициравме велат дека тоа е очекувано, бидејќи во граѓанската обврзница инвестираа граѓани, односно домашни физички лица, и за нив тоа било всушност еден вид инвестиција на подолг период, односно на две години кога ќе истече рокот, кога ќе си го повратат износот заедно со каматата, и тоа 5 отсто во првата и уште 5 отсто во втората година. Ова значи, објаснуваат упатените, дека кога граѓаните ги купиле граѓанските обврзници, всушност знаеле во што вложуваат и какви се нивните очекувања од инвестицијата, и затоа сега се подготвени да си го чекаат финалниот рок и да си го подигнат дадениотт износ на влог заедно со камата. Токму и затоа, како што велат тие, не се ни очекувало дека баш на првиот ден на котацијата ќе има тргување со оваа хартија од вредност, во која граѓаните вкупно поитаа уште на првата емисија да вложат дури 23,5 милиони евра.

Практично, кога вложувате во обврзници, вие тргувате со иднината, велат познавачите, и затоа ги очекувате каматите што треба да ги добиете во идниот период.

Но затоа, битно е дека откако котацијата стартуваше, граѓаните кои вложија свои пари во граѓанските обврзници, односно кои нив ги купија на примарниот пазар, сега, доколку сакаат, или доколку имаат итна потеба од парите, можат и да излезат од таа приказна, односно да ги продадат на секондарниот пазар. А тоа е Берзата, каде што граѓанските обврзници можат да бидат купени не само од други граѓани, односно од физички лица, туку и од правни лица, односно и од фирми и од банки, но и од институционалните инвеститори, како што се фондовите.

Не се знае по која цена би се тргувале обврзниците, дали тоа би биле 106, 105 проценти, на пример, или помалку, но нормално е да се очекува дека тоа би бил целиот платен износ за обврзницата, заедно со очекуваната стапка на принос за идниот период.

Всушност, дали ќе се нудат и купуваат граѓански обврзници ќе се види во наредните денови, а тоа ќе го покажат берзанските извештаи.

Инаку, вчера министерот за финансии Фатмир Бесими во Македонската берза заедно со извршниот директор Иван Штерив симболично со заѕвонувње на ѕвоното го означија стартот на тргувањето со граѓанската обврзница.

„Граѓаните кои учествуваа на аукцијата на 13 јули 2023 година од денеска можат да тргуваат со своите граѓански обврзници преку Берзата. Односно имаат можност доколку сакаат парите што ги инвестирале да ги добијат пред истекот на обврзницата, тоа да го направат преку Берзата. Од друга страна тоа дава можност граѓанската обврзница да се купи од страна на оние што не успеале да учествуваат на аукцијата на 13 јули“, рече министерот Бесими.

Тргувањето на граѓанската обврзница ќе може да ја направат граѓаните преку банките, односно Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стоапнска банка Скопје, ТТК Банка и Шпаркасе банка, како и брокерските куќи.

Главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев рече дека големиот интерес за купување на овие обврзници при примарната емисија ја потврдува тезата на Берзата дека побарувачка за квалитетни и атрактивни инструменти на пазарот и тоа како постои – треба само да се сака и да се знае како тоа да се искористи.

„Со издавањето на граѓанската обврзница Министерството за финансии го препозна ова и делуваше во вистински правец. Се надеваме дека ова е само почеток и дека ќе следуваат нови вакви или слични емисии на државни хартии од вредност, при што Берзата, како институција и инфраструктура, е секогаш подготвена да ги поддржи овие активности“, рече Штериев.

Инаку, како што е познато, граѓанските обврзници од 23,5 милиони евра беа купени од 1.283 граѓани, но од Финансии нема информации која е најголемата сума што ја запишал еден поединечен граѓанин, со образложение дека станува збор за доверливи информации.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести