На првата Галичка свадба се венчани моите родители, а 35 години подоцна ќе се венчаме ние – интервју со зетот Александар и невестата Мартина
Штом се слушнат зурли и тапани, штом се слушне нивниот ек низ цела Бистра, се знае дека е време за најголемата и најзборуваната свадба на годината. За време на празникот Петровден, Галичник станува центарот на мијачијата и на Македонија со светски познатиот настан Галичка свадба.
Станува збор за тридневна, македонска традиционална свадбена веселба. Како и секоја година, конкуренцијата за избирање на зет и невеста е голема, а оваа година како среќници од вкупно 10 пријавени пара, избрани за зет и невеста се Александар Пендароски (33) и Мартина Михајлова (30).
Интересно е тоа што, оваа година Галичка свадба се одржува по 35-ти пат, а патем на првата современа Галичка свадба со вистински зет и невеста венчани се родителите на Александар.
Мартина и Александар, во интервју за Женски Магазин отворено зборуваа за подготовките околу Галичката свадба, нивното претходно искуство околу манифестацијата, а и малку подетално се запознавме со нив.
Александар работи во „ТАВ Македонија“, поточно во област на авијацијата која за него претставува голема страст, додека пак Мартина е доктор по медицина која во моментов е на специјализација по кардиологија. Тие ни открија како се запознале:
-Се запознавме преку заеднички пријатели, на една роденденска забава покрај базен. Со текот на времето почнавме сè почесто да се гледаме, а нашата врска природно се разви. Заедно сме речиси две години – велат тие.
Нивната случајна средба прераснала во голема и неопислива љубов, која оваа година официјално треба да се круниса со брак. За Женски Магазин, Александар раскажа како ја запросил својата идна сопруга:
-Запросувањето се случи на Сардинија, за време на едно за нас особено значајно патување. Амбиентот беше преубав, а самиот момент искрен и исполнет со емоции – додаде тој.
Изборот да се направи Галичка свадба е голем чекор. Но, за нив ова било можност која со задоволство ја прифатиле. Патем, главен услов за да учествуваш во Галичката свадба е некој од парот да има директно потекло од Галичник, што во конкретниот случај го има Александар. За нив оваа манифестација носи посебен дух, историја и длабока емоција и им претставува чест да бидат дел од неа и да ја продолжат оваа богата традиција.
Вистинска реткост е да се види вакво нешто. Првата современа Галичка свадба со вистински зет и невеста се одржала пред 35 години каде биле венчани родителите на сегашниот зет Александар. Тој ни раскажа малку повеќе околу семејната традиција и почитувањето на обичаите.
-Мајка ми и татко ми имаат направено Галичка свадба, така што оваа традиција веќе постои во моето семејство. Тоа беше уште поголема мотивација и ние да ја продолжиме – рече тој.
Покрај зетот и невестата, во самата церемонија учествуваат и голем број луѓе, кои имаат одредени улоги. Го прашавме парот дали досега учествувал во свадбата:
-Јас имав прилика да учествувам на Галичка свадба како дел од обезбедувањето, облечен во галичка носија и како коњаник –изјави Пендароски.
-Јас минатата година имав чест да бидам гостинка на Галичката свадба, а тоа беше искуство што остави силен впечаток врз мене – додаде Мартина.
Клучна улога во самата свадба имаат коњите, со кои се јава низ селото, се оди по невеста и ред други традиции. За Александар јавањето коњи е „позната територија“, но не и за Мартина.
-Имам искуство со јавање коњи уште од 5-годишна возраст, така што коњите се важен дел од мојот живот. Поради тоа, воопшто немам трема и со голема сигурност и радост учествувам во овој дел од свадбата – вели Александар.
-Јас не сум имала прилика да јавам коњ досега, па ме очекува мал предизвик. Меѓутоа возбудена сум да научам – вели идната невеста.
Карактеристично за Галичката свадба се рачно направените мијачки носии кои ги носат невестата, зетот и останатите гости на свадбата. Трудот и времето посветени на ткаењето на носијата се препознаваат и по својата тежина – најчесто машката носија тежи од 10-15 килограми, додека пак женската може да тежи и над 30 килограми вклучувајќи го накитот. Го прашавме Александар дали во нивниот „семеен чеиз“ ги имаат традиционалните галички носии.
-Носиите кои ги носат невестата и зетот за Галичка свадба најчесто се дел од семејното наследство. Доколку семејството не располага со нив, месната заедница се грижи за обезбедување носии — не само за невестата и зетот, туку и за најблиските роднини кои сакаат да учествуваат во оваа прекрасна традиција – вели тој.
Оваа тридневна веселба се состои од многу настани и обичаи. На Александар омилен му е делот со галопирањето на коњите, додека Мартина е највозбудена за обичаите поврзани со невестата.
-Јас најмногу се радувам на моментот кога се галопира со коњите — спојот на коњите, музиката и ритуалите создава навистина магична атмосфера –изјави Александар.
-Јас сум особено возбудена за обичаите поврзани со невестата, бидејќи секој детал има своја симболика и значење. За мене тоа е начин да се почувствува вистинската вредност на традицијата и нејзината убавина – додаде Мартина.
Речиси секој од паровите кој досега учествувал како зет и невеста, потоа направил и свадба со венчавка во матично, а таков ќе биде случајот и со Александар и Мартина кои сметаат дека тоа ќе биде можност да ја споделат својата радост со поширок круг на пријатели и семејство.
Галичката свадба е повеќе од традиција. Таа означува чувство на припадност и почит кон татковината и културното наследство. Ги прашавме Александар и Мартина, што за нив значи да учествуваат на Галичката свадба, на што тие одговорија:
-За нас, да бидеме дел од Галичката свадба значи многу повеќе од обична прослава. Тоа е продолжување на семејната традиција, израз на почит кон корените и културното наследство, како и можност да ја доживееме магијата на обичаите што се пренесуваат од генерација на генерација. Воедно, тоа е голема чест и исклучителна радост да се биде дел од нешто толку уникатно и значајно – изјавија тие.
РЖМ/ Јована Трајковска
Фото: приватна архива
*ЗАБРАНЕТО ПРЕЗЕМАЊЕ НА СОДРЖИНАТА*
