НА ПОРЕЧАНИ ИМ Е ДОСТА: Само во Македонија за пат од 16 километри се чека со децении
Протест со блокада на три локации организираа денеска жителите од Поречкиот регион. Поради повеќедецинскиот проблем со изградбата на регионалниот пат меѓу општините во Македонски брод и Скопје тие го блокираа булеварот „Борис Трајковски“ пред раскрсницата со улицата „Јустинијан Први“ во насока на село Драчево, регионалниот пат 1106 во правецот на село Батинци кон шумскиот резерват „Јасен“, и улицата „Маршал Тито“ во Македонски Брод. револтирани се и овој пат не отстапуваат.
Претседателот на Здружението, Поречки средби, Горан Ѓуроски, изјави дека досега во повеќе наврати биле доставено дописи до Министерството за транспорт и врски, до Владата и Генералниот секретаријат на Претседателот и Кабинетот на Премиерот, како и до ЈП за Државни патишта, a биле одржани и средби со надлежните институции, но освен дадени ветувања, како и години наназад, ништо не е направено.
Тој вели дека жителите од Поречието, се чувствуваат како граѓани од втор ред во државата бидејќи ниту Владата, ниту институциите не водат сметка за интересите на граѓаните.

„Од Скопје до Самоков и многу околни села сè уште се стасува само низ резерватот „Јасен“ и тоа само во три термини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по необезбеден пат широк само 2,5 метри. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 километри преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај гравитираат 45 села и шест викенд-населби“, рече Ѓуроски.
Иако со изградбата на акумулацијата „Козјак“ беше најавено пробивање на две траси покрај езерото, ова остана само на хартија.
„Во сите наши дописи и на сите средби укажавме дека непостоењето регионален пат резултираше со масовно иселување на жителите во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и Гостивар, а најмногу во странство што предизвика целосно замирање на стопанскиот и социјалниот живот во овој регион. Од овие причини, Општината Македонски Брод е една од најзапоставените и најнеразвиените општини во Република Северна Македонија, иако постојат одлични можности за развој, особено на туризмот, но за тоа е потребно постоење основна инфраструктура“, нагласи Ѓуроски.
Жителите во рамките на општината Македонски Брод, доколку не се прифати нивното барање
изградбата на патот меѓу Скопје и Македонски брод да влезе во овогодишната програма на ЈП
за Државни патишта и не почне негова изградба во најскоро време, ќе опстојат на претходно
донесената одлука за бојкот на претстојните локални избори закажани за октомври оваа
година, со што ќе го изразат огромниот револт спрема Владата и институциите кои мораат, а
немаат слух за реалните потреби на граѓаните во насока на подобрување на условите на живот
и работа.
