НА ПОПИСОТ МУ ТРГНА - во првите осум дена се попишани 419.485 граѓани
Во првите осум дена од пописот попишани се 419.485 луѓе, 129.614 домаќинства и 173.439 станови, објави Државниот завод за статистика.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 192.538 лица.
Инаку, пописот на населението, домаќинствата и становите , официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.
Пречките што настанаа изминативе денови, и поради што дојде до застој на попишувањето, се отстранети, информираа од ДЗС. Тие укажуваат дека попишувачите кои го спроведуваат попишувањето на терен, се овластени лица на Државниот завод за статистика и се обучени за оваа активност.
При тоа, апелираат до населението да ги прими во своите домови со доверба и почит и да ги даде потребните податоци.
За сите дилеми и нејаснотии кои граѓаните ги имаат во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за Попис, на телефонските броеви кои се објавени на нивната веб страница, појаснуваат од Државниот завод за статистика.
