На пописот ќе се испрашуваат роднини на отселени
На пописот во 2020 податоци за отселените, односно за нивно евидентирање ќе се користат и од нивни роднини во земјата, рче денеска Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика.
Покрај тоа што македонските државјани кои живеат и работат во странство ќе може да се попишат на веб страница на заводот, податоци за нив ќе се користат од нивни блиски роднини, членови на домаќинствата кои се наоѓаат во земјава.
– Ќе се обидеме на секој начин да ги опфатиме што е можно повеќе лицата кои се надвор, бидејќи тие информации ни се исклучително битни, со оглед на тоа што Македонија како и сите останати земји во регионот, за жал е емиграционо подрачје и сите сме свесни дека голема популација отиде надвор и сакаме да добиеме информации за нив. Тоа е единствената цел со пописот – рече Симовски.
Вели дека јавноста не треба да стравува од можни злоупотреби бидејќи, како што вели тој, ќе се користи комбиниран метод на податоци од сите можни регистри.
– Сѐ ова што го слушам и читам по порталите дека ќе се попишуваат лица на пример што не постојат, луѓе што починале итн. сето тоа ќе се проверува. Ние како институција добиваме информации за секое раѓање на дете на наши државјани во странство, но и за лицата кои починале во странство. Така што се се проверува, сите податоци ги имаме во нашите бази, и ќе нема можност за никаква злоупотреба – појасни Симовски.
Тој вели дека немаме статистика колку наши државјани живеат во странство и е невозможно е да се следат иселувањата, бидејќи никој не го регистрира своето иселување и поради тоа овие лица се вклучени во пописот.
Владата го најави законот за пописот на следната седница, а потоа треба да биде испратен во Собранието.
