На паркингот кај Холидеј Ин првично требало да никнат стокатници
Делот каде што е планирана изградбата на висококатниците е под мораториум и се ревидира вели градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.
Тој додава дека досега нема стигнато ниту еден проект ниту барање за издавање дозвола за градба на висококатница, но и да биде доставено такво барање тоа ќе биде одбиено до општината.
Сепак, како што се додава инвеститорот би можел да поднесе барање за дозвола за градба на објекти што претходно во 2008 и 2012 година им биле вцртани како маркици претходните власти.
-Мораториумот беше воспоставен со одлука на Советот на општината на 27 декември 2017 година, со кој сите новозапочнати постапки се запираат, така што било кој што е опфатен со овие планови поднесе барање ќе биде одбиен од општината, се додека не се ревидира планот, рече Богдановиќ.
Тој појасни дека на местото кај паркингот кај Холидеј Ин уште од претходно биле вцртани, прво стокатници потоа шеесеткатници, од претходната гарнитура на власт и сегашното раководство на општината затоа го воведе и мораториумот за да може спорните планови да се ревидираат.
-Веќе има неколку ревидирани планови што ќе бидат ставени на седница на Совет и тогаш кога ќе бидат ревидирани и одобрени ќе биде тргнат мораториумот од нив. Како општина нема да дозволиме не само таму, туку никаде во центар да се градат толку високи градби. Нашата тендеција е намалување колку што е можно повеќе на нешто што е претходно донесено. Нашата борба е што е можно повеќе слободни површини да заштитиме таму каде има простор и можност, да се усогласи колку може со барањата на граѓаните, рече Богдановиќ .
