НА ОРЦЕ НАСКОРО МУ ПОЧНУВА ОДБРОЈУВАЊЕТО: Се чека официјално да ја преземе функцијата, за да го исчисти Скопје
Изборите и официјално завршија. Скопје доби нов градоначалник - Орце Ѓорѓиевски.
Прославата помина, веселбата заврши. Време е сега да се работи, онака како што беше ветено.
Сега граѓаните чекаат на реализација на најголемото изборно ветување на Ѓорѓиевски - чистење на градот. Иако за чистката ќе почекаме уште некој ден, додека тој официјално не ја преземе функцијата од досегашната градоначалничка, Данела Арсовска.
Инаку, тој во предизборната кампања, даде ветување пред граѓаните дека ќе го исчисти градот за 72 часа.
„Треба само добра организација. Немало до сега ваква лоша состојба како што имаме денес, тоа треба да го признаеме, и тоа е фактичка состојба. Но, кога велам за добра организација, јас сметам дека добро знам да ги организирам состојбите и да ги решам проблемите. Во првите 72 часа, како што најавив одговорно тврдам дека градот ќе биде исчистен ќе се направи една голема генералка, во која што нема тоа да го направи само градот туку тука ќе помогнат сите општини, тоа е организација“, вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека во изминатите четири години немало ниту еден координативен состанок со Градот Скопје, што го оцени како недозволиво. Тој истакна дека како претседател на ЗЕЛС покажал како треба да се соработува во интерес на граѓаните.
„Ние изминатите 4 години не сме имале координативен состанок со Градот Скопје. Тоа недопустливо, без разлика кој на која политичка партија припаѓа. Јас како претседател на ЗЕЛС, мислам дека покажав изминативе години, откако ја водам таа институција, како треба да функционираме сите заедно кога станува збор за интересот на граѓаните“, рече Ѓорѓиевски и додаде:
„Јас во тие 72 часа, освен што ќе ја пуштам целосно на располагање целата механизација на Градот Скопје и јавните претпријатија, тука ќе ги повикам сериозно да се вклучат сите општини, но да се вклучат и општествено одговорни компании, сите ќе излеземе“, рече тогаш тој.
Д.Т