На огласот за 400 пожарникари не се пријавиле ниту толку кандидати
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска извести дека на огласот за вработување на 400 сезонски пожарникари, не се пријавиле ниту толкав број на кандидати.
Огласот заврши вчера, а според Ангелов, најголем проблем претставувал условот што се барало од кандидатите претходно да бидат активни баратели на работа во Агенцијата за вработување. Затоа сега рокот на повикот ќе се продолжи за уште пет дена. Интересот особено бил слаб на територијата на Скопје, за каде се бараат 80 кандидати.
Владата претходно соопшти дека пожарникарите ќе бидат вработени сезонски за плата од 24.000 денари месечно, по што тие би добиле шанса да бидат избрани за постојано вработување во противпожарните единици.
- Во моментов бројката се движи под 400 кандидати, со тоа што одлучивме да го поместиме рокот за уште пет дена. Сега можност да се пријават и граѓани што не се активни баратели на работа, информираше Ангелов.
Тој на новинарско прашање рече дека се согласува дека понудените примања се ниски, но дека долгорочно пријавените ќе имаат можност, доколку се покажат како надежни пожарникари, ќе имаат можност за вработување во локалните противпожарни друштва.
