На Мицкоски не му требаат парите од референдумската кампања
Преку социјалните мрежи опозициската ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе се откаже од владините средства за референдумската кампања.
Лидерот Христијан Мицкоски преку фејсбук статус побара парите да се инвестираат во тетовското училиште, посочувајќи дека кампањата ќе ја водат со свои сили и средства
„ВМРО-ДПМНЕ со сопствени сили и средства, наогајќи потпора во народот, кој е столбот и вистинскиот извор на власт и легитимитет во оваа земја, пред се одејќи од врата на врата, од дом во дом, во маалата, градовите, селата, ќе учествува во кампањата и ќе биде против овој договор, и во моментот кога ќе го дефинираме конечниот став во однос на самиот чин на гласање, учество референдумот, истиот ќе биде соопштен на граѓаните.
Сопственик на оваа држава е народот, а ВМРО-ДПМНЕ останува со народот.Лицемерно е да се вели дека било кој е за напредок, за инвестиции и подобар живот, а кога треба да се троши за кампања за договор кој во својата суштина е штетен, не се жалат ниту средства ниту ресурси, додека се останато се запоставува.
Јас го одбирам образованието пред скапите кампањи.Јас ја одбирам Македонија и ќе се борам за нејзината иднина!“, пишува Мицкоски .
