На Максим Димитриевски не му е сеедно што Мила Царовска му одзеде ингеренции
На новинарско прашање дали Мила Царовска му е партиски конкурент на Максим Димитриевски и затоа министерката за труд и социјална политика му упадна во работата на градоначалникот на Куманово, тој наведе дека не било добро размислено пред да биде потпишана одлуката.
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги одзеде надлежностите на Општина Куманово за управување со градинките. Советот на Општината и градоначалникот Максим Димитриевски една година нема да имаат влијание во работата на јавната детска установа „Ангел Шајче“, затоа што не ја почитувале постапката за распишување оглас за директор.
„Не, видете секогаш имаме министри кои што не размислиле убаво за нивните одлуки пред да ги потпишат. И верувам дека и ова е ваков случај. Уште ја немам видено одлуката. За жал ние решаваме на голем број на социјални проблеми на локално ниво. И претпоставувам министерката сака да бира директор во име на градоначалникот. И ако ја сака таа обврска или одговорност да ја преземе на себе нека го направи тоа. Јас немам ништо против“, рече Димитриевски во своето телевизиско гостување на 1ТВ.
