На крвавиот четврток Шекеринска му се јавила на Тодоров дека има мртов човек во Собрание
Никола Тодоров беше првиот денешен сослушан сведок за настаните од 27 април кои се случија минатата година.
Тодоров раскажувајќи што и како се случило на крвавиот четврток рекол дека во еден момент му се јавила актуелната министерка Радмина Шекеринска која му кажала дека најверојатно има мртов еден човек и тој викнал брза помош.
Тодоров раскажал и дека се слушнал и со Чавков и побарал акција за спасување на Зијадин Села откако претходно го пронашла медицинска екипа на третиот кат, пренесуваат дел од медиумите.
Имено, на денешното судско рочиште се присутни сите обвинети за немилите настани во Собранието и нивните бранители. На почетокот на судењето беа присутни сведоците Никола Тодоров, Весел Мемеди и Оливер Спасовски, а претседателката на судечкиот совет, судијката Добрила Кацарска, кажа дека сведокот Зоран Заев го известил Судот дека не може да присуствува на почетокот поради средба со австрискиот канцелар Курц, по што ќе дојде во судот да сведочи.
Подоцна на судењето пристигна и Заев кому Кацарска му кажа дека сведочењата ќе траат подолго пред да дојде тој на ред и дека може да одлучи дали ќе чека во Суд или поради функцијата што ја обавува ќе биде повикан еден час пред да треба да сведочи.
Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
