НА КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, ДА ВИДИМЕ КОЈ КОЛКУ ВРЕДИ - еве кои се топ моќните компании според пазарната капитализација
Пазарната капитализација на компаниите што котираат на Македонската берза, особено кога се однесува за крајот на минатата година, секогаш е интересна за да се види кој колку вреди, практично кој колку тежи од најмоќните домашни бизнис играчи.
Таа означува колку пари би се добиле за една компанија доколку одеднаш, во еден исти ден се продадат сите нејзини акции. Што, пак, значи, колку би требало да плати некој доколку хипотетички сака да преземе 100 отсто од акциите на таа компанија.
Берзанскиот билтен кој се однесува за декември минатата година говори дека највисока пазарна капитализација имал Македонски телеком, што значи дека ако се продале одеднаш сите акции на овој наш телекомуникациски гигант, за него одеднаш би се наплатиле близу 600 милиони евра, или прецизно 598 милиони евра.
Просечната цена на акцијата на „Македонски телеком“ во декември лани изнесувала 381 денар, а највисоката постигната цена достигнала 400 денари за акција.
Втора по висината на пазарната капитализација е нашата најголема банка во земјава, која предничи и во банкарскиот сектор според висината на нејзината актива. Според пазарната капитализација, за акциите на Комерцијална банка одеднаш би се добила сума од 527 милиони евра.Инаку, просечната цена на акциите на Комерцијална банка во декември изнесувала 14.282 денари, додека максимално достигнатата цена била 14.700 денари.
Третото место на врвот според пазарната капитализација е резервирано за нашата најуспешна фармацевтска компанија „Алкалоид“. На крајот на декември пазарната капитализација на ова акционерско друштво изнесувала 423 милиони евра.
Инаку, една акција на „Алкалоид“ во декември се продавала во просек по над 18.188 денари, додека, пак, највисоката достигната цена во последниот месец од годината била 18.500 денари за акциите на оваа наша фармацевтска компанија.
Дека банките вредат многу воопшто не е тајна, па така, на четвртото место според пазарната капитализација исплива уште една банка.
Имено, на крајот на декември лани НЛБ Банка прикажала пазарна капитализација од над 410 милиони евра, сума која би се добила доколку во еден исти момент се продадат акциите на оваа банка.
И веднаш на петтото место е уште една банка, односно Стопанска банка Скопје, со одлична пазарна капитализација од 374 милиони евра.
Нафтениот дистрибутер „Макпетрол“ има пазарна капитализација од 118 милиони евра, додека, пак, градежниот гигант „Гранит“, има вкупна продажна вредност на сите свои акции од 59 милиони евра.
Акциите на овие компании и банки се и најтргуваните на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Инаку, според берзанскиот билтен, пазарната капитализација на сите котирани акционерски друштва на пазарот на капитал покажува благ пораст од 0,81 отсто.
Вкупно сите компании што се котирани на берзата на крајот на декември лани имале пазарна капитализација од 3,65 милијарди евра, говорат податоците на пазарот на капитал.
Н.Н.Ф.
