На која тема запнаа македонските и бугарските историчари?
По два дена он лајн дискусии, синоќа беше соопштено дека Мешовитата комисија нема напредок.
Македонските историчари не договорија ништо со колегите од Бугарија.
Од македонска страна информираа дека главните разлики со нивните бугарски колеги се во разбирањето на улогата на историјата со современите општества.
„По исцрпна дискусија, вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка”, стои во соопштението на македонските историчари.
Бугарскиот историчар Ангел Димитров, обвини дека Македонија не прифаќа заедничка историја. Според него, во иднина работата на комисијата ќе биде уште потешка.„Ние уште во 2018 година донесовме неколку препораки, меѓу кои и за светите браќа Кирил и Методиј. Во нив се вели дека нивната работа се развила во Бугарија. Истото важи и за делото на Свети Климент. И ова е дел од малкуте усвоени заклучоци, а за нив знае политичкиот врв на Македонија. На 8-ми декември, се вратија на старото толкување”, вели Димитров.
Ова беше петта и последна средба на историчарите за оваа година. Идната средба ќе биде во февруари.
