На кој ќе му падне задачата да го деполитизира јавното обвинителство?
Владата најави дека на седница ќе донесе заклучок и ќе му препорача на Собранието да распише оглас за избор на јавен обвинител со што ќе почне процедурата за наследникот на Зврлевски.
Според член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на РМ по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Кандидатите кои планираат да седнат во фотелјата на Зврлевски пак ќе имаат рок за пријавување од 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник”.
Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.
Оваа престижна функција како што објавија поголем дел од медиумите ја пикираат адвокатите Звонко Давидовиќ, Александар Наков и Александар Тортевски, нотарката Лорија Ваневска а кандидатура најави и професорот Сејфула Османи кој вели дека ќе работи на деполитизација на јавното обвинителство.
