На Груевски му треба пасошот за средба со Орбан?
Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска не се појави на јавната седница во Апелациониот суд, каде што неговите адвокати побараа да му биде вратен пасошот, а којшто му беше одземен со решение на Кривичниот суд, а по барање на СЈО како обвинет во случајот „Титаник“.
Адвокатот Димитар Дангов побара пасошот на Груевски да му биде вратен затоа што како на лидер на опозицијата му е потребен во службени цели. Груевски по покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан треба да патува за Унгарија.
Од друга страна, адвокатот Боро Тасевски праша дали ќе се дозволи да не му се врати пасошот на Груевски и на тој начин да им се ускрати артикулирањето на правото на илјадници членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Претставникот на СЈО, обвинителката Лиле Стефанова нагласи дека Специјалното обвинителство на 30 јуни за Груевски и уште за други 20 лица поднесе обвиненија, за дела за кои се предвидени казни од три до шест години затвор.
