НА ГАЗДА ДЕКО МУ СЕ СЛОШИЛО: Повикана Брза помош на судењето за „Пулс“
Првообвинетиот во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов-Деко, денеска беше пренесен со Брза помош од судницата во „Идризово“ поради влошена здравствена состојба.
Според информациите од судскиот процес, неговата одбрана посочила дека обвинетиот неодамна бил опериран на лумбалниот ’рбет, а по дополнителни компликации имал и втора хируршка интервенција.
-Неговата здравствена состојба е сериозна и притворот не ја исполнува целта, туку претставува казна пред судење – истакнала адвокатката, барајќи замена на мерката со куќен притвор.
Од судот информирале дека по влошувањето веднаш била повикана Брза помош, по што на обвинетиот му бил даден медицински совет. Според оценката на медицинските служби, тој може да продолжи да ја следи расправата.
Јавното обвинителство соопшти дека ќе ја разгледа медицинската документација и дополнително ќе одлучи дали ќе се произнесе усно или писмено во врска со барањето на одбраната.
Судењето за случајот „Пулс“, кој се однесува на трагичниот пожар во дискотеката во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува пред надлежниот суд.
