На ФОН започнува летниот универзитет „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“
Од 17 до
22 јули во Скопје се одржува летниот универзитет на тема „Сеќавање и
меѓукултурен дијалог“, организиран од страна на АЛДА, Европската Асоцијација за
Локална Демократија и универзитетот ФОН. Меѓународниот универзитет беше
официјално отворен денес на универзитетот ФОН, каде ќе се одвива еднонеделниот
настан.
- Сеќавањето на страдањето на луѓето во минатото честопати е заборавено. Важно е да се соочиме со сеќавањето на минатото за да се создаде европски спомен за време на овој универзитет - изјави Н.Е. Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.
Покрај амбасадорот, на официјалното отворање присуствуваа проф. д-р Нано Ружин, ректор на универзитетот ФОН, г-инот Јон Ивановски, претставник од Централноевропската Иницијатива - ЦЕИ и г-ѓа Ивана Петровска, директор на АЛДА Скопје.
- Забележувам присуство на набљудување на Балканот низ балкански очи. Дијалогот е возможен кога никој не го доминира другиот, кога низ поглед барате пријателство, запознавање – порача проф. др. Нано Ружин, ректор на универзитетот ФОН, кој е предавач на летниот универзитет.
Летниот универзитет има цел да им понуди можност на учесниците да учат од настаните во минатото, да дискутираат за моменталните предизвици и да развијат вештини во меѓународна околина. На него ќе учествуваат 30 учесници од 7 земји од Балканот и Франција, кои ќе присуствуваат на предавања, работилници и посети на локации со историско значење во градот. Предавачи на летниот универзитет ќе бидат професори од ФОН универзитетот и професори од Франција.
- На Балканот, проблемот со поврзаноста на културите е присутен. Кога ќе се реши проблемот со поврзаноста, останува да се зачува различноста - изјави г-инот Јон Ивановски, претставник од Централноевропската Иницијатива – ЦЕИ, за време на своето излагање на официјалното отворање.
Меѓународниот универзитет „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“ се организира од страна на Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА и универзитетот ФОН. Летниот универзитет на АЛДА 2017 финансиски е поддржан од Централноевропска иницијатива – ЦЕИ, Децентрализираната соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија и Европската Унија, а се организира во рамките на соработката помеѓу Нормандија и Македонија, Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог и проектот ЛАДДЕР.
