„НА ДУША НЕКА ГО НОСАТ ОНИЕ КОИ ГО ИСКОРИСТИЈА, ПА ГО ОСТАВИЈА ДА ИЗГНИЕ ВО ЗАНДАНА“: Јанаки Митровски напиша за Игор Југ
И Адвокатот Јанаки Митровски на својот Фејсбук профил се огласи за смртта на Игор Југ, еден од осудените за настаните од 27 април 2017 година.
-Игор Југ починал утрово од срцев удар. Не доживеа да види слобода. Бог да го прости и на душа нека го носат оние кои прво го искористија па го оставија да изгние во зандана!!! А и оние кои го затворија сто години за “носење на пиштол” кој никој не го видел!“, напиша Митровски.
Игор Југ почина на 54-годишна возраст, откако издржа осум години од 12-годишната затворска казна. Во последниот период, поради влошена здравствена состојба, казната му беше прекината. Според неофицијални информации, причината за смртта е срцев удар.
Југ беше еден од осудените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година и во изминатиот период бараше повторно судење, тврдејќи дека ниту тој, ниту другите осудени не се терористи, ниту пак сториле терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Неговата смрт предизвика реакции во јавноста, особено поради околностите на неговото осудување и здравствената состојба во која се наоѓаше. Многумина изразија сочувство до семејството и пријателите на Југ.
