На Богородица пет колони и по еден час чекање
На почетокот од продолжениот викенд, за чие времетраење се очекува голем дел од граѓаните од земјава да го искористат да прошетаат надвор од земјава, евидентирано е подолго задржување единствено на граничниот премин Богородица за влез во Грција.
Претпладнето граничниот премин беше преплавен од автомобили. Според информациите на терен се чека и повеќе од еден час, за влез кај нашиот јужен сосед.
Информациите велат дека граничарите ги пропуштаат граѓаните во пет колони. Поминувањето оди бавно, а редицата на моменти е километарска.
АМСМ извести дека ова е единствениот граничен премин каде е забележан метеж од утринава. На Табановце, Пелинце, Дојран, Меџитлија, Дебе Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Блаце – времето на чекање е минимално.
