На „Блато“ сè поголема фреквенција: За четири месеци речиси половина милион патници
Речиси половина милион патници поминале преку граничниот премин „Блато“ кај Дебар во првите четири месеци од годинава, што покажува значително зголемување на фреквенцијата на македонско-албанската граница.
Според податоците на СВР, од јануари до април преку овој премин поминале 496.705 патници, наспроти 333.640 во истиот период лани. Тоа претставува раст од околу 49 отсто.
Најголем проток е регистриран во април, кога биле евидентирани 135.508 патници. За споредба, во април минатата година преку „Блато“ поминале 106.712 патници.
„Протокот на патници на овој премин е во постојан раст. На преминот работат три шалтери и се функционира во најдобар ред“, изјави за МИА Стефан Димоски, портпарол на СВР.
Раст е забележан и во сите претходни месеци од годинава. Во јануари преку преминот минале 120.797 патници, во февруари 114.629, а во март 125.771 патник.
На зголемената фреквенција влијаат подобрената патна инфраструктура од двете страни на границата, почестите патувања меѓу граѓаните од двете земји, како и доаѓањето на жители од пограничниот регион Пешкопеја во Дебар за набавка на гориво и прехранбени производи.
