На 81 година почина еден од олеснувачите за Рамковниот договор Франсоа Леотар
Почина олеснувачот за Рамковниот договор, Франсоа Леотар. Францускиот политичар Леотар почина на 81 година, објави францускиот претседател Емануел Макрон денеска на Твитер.
Леотар е поранешен министер за култура и одбрана во Франција, а на македонската јавност ѝ е познат како еден од двајцата олеснувачи за постигнување на Охридскиот рамковен договор во 2001 година. Леотар беше специјален претставник на ЕУ, додека другиот олеснувач беше Џејмс Пердју од САД, кој почина во јуни 2021 година.
„Франсоа Леотар ѝ служеше на државата и имаше одлична идеја за култура“, напиша Макрон.
Леотар беше министер за култура и комуникации од 1986 до 1988 година во владата на Жак Ширак и потоа министер за одбрана од 1993 до 1995 година. Тој беше претседател на Републиканската партија. Во 2021 година е осуден на две години условно и парична казна од 100.000 евра за соучество во злоупотреба на корпоративен имот, а во 2004 година доби условна казна од 10 месеци за нелегално финансирање на политичка партија и перење пари.
Покрај Леотар, свои потписи на Охридскиот договор на 13 август 2001 година, ставија и тогашниот претседател Борис Трајковски,екс премиерот Љубчо Георгиевски, тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, политичарите на Албанците во Македонија, Арбен Џафери, Имер Имери, како и Џејмс Пердју.foto Wikipedia/Annabelle deFC
