НА 23 АПРИЛ ГЕВГЕЛИЧАНИ ПРЕД ВАЖНА ОДЛУКА: Да се отворат рудниците со злато или не
Граѓанското здружение Спас подготвува кампања против отворање на рудниците за злато и бакар на планината Кожуф.
Референдумот на кој гевгеличани ќе го кажат своето мислење е закажан за 23 април.
„Ќе дишеме воздух што ќе не убие. Ќе немаме ни капка чиста вода. Ќе немаме плодна земја. Ќе немаме сточарство. Ќе немаме туризам. Ќе имаме болни деца“ - ова се само дел од пораките до граѓаните на Гевгелија.
На седницата на 15 март, Советот на општина Гевгелија донесе одлука за одржување референдум за барањето за експлоатација на земјиштето кај Коњско. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ беа едногласни, и се согласија дека граѓаните мора да одлучат за тоа дали да се даде концесија на канадската компанија.
Три години канадската компанија имаше концесија за детални геолошки истражувања и сега одлучи да поднесе барање за концесија за експлоатација.
Канадската компанија „Невсан“, преку нејзината македонска компанија „Резервоар минералс“, има две концесии за такви испитувања - Коњско и Двориште, кај Бучим и сега бара концесија за екслоатација.
Потребните списоци и гласачки ливчиња ќе ги подготви Општинската изборна комисија, а беше договорено да бидат изработени големи билборди, флаери и плакати.
