МЗ ЌЕ РАСПИШЕ ТЕНДЕР ЗА НОВ ИЗВЕДУВАЧ ЗА ШТИПСКАТА БОЛНИЦА: „Изградбата требаше да заврши до крајот на јуни, а реализирано е само 30 отсто“
Министерството за
здравство денеска информира дека договорот со изведувачот ИНТРАКАТ за новата
штипска болница е раскинат на 29.06.2023.
-Потребно е да се направи преглед, односно пресек на активностите, по што ќе се распише тендер за нов изведувач, согласно заклучок од Влада. Во рок од 42 дена треба да се достави ,,Проект на изведена состојба’’, да се подготви нова тендерска документација и во рок од 30 дена да се објави нова јавна набавка. Поднесени се барања за активирање банкарски гаранции, во износ од шест милиони евра и тие се реализирани. Рокот за изградба бил 30.06.2023, а досега се реализирани само 30 отсто, велат од Министерството за здравство.
Инаку, како што претходно изјави министерот Фатмир Меџити, договорот е еднсотрано раскинат, со цел, како што рече, да не се гради уште 15 години.
-Требало да биде изградена во 2018 година болницата во Штип, не била изградена. Па требало до 2023, досега јуни што помина требаше да се даде во употреба болницата, не е дадена, и јас постапив, го раскинав договорот со сите права кои ги имаме, и тука ќе ја активирам и банкарската гаранција. Значи многу сум сериозен во моето делување и јас и тимот – вели Меџити во изјавата за Макфакс.
