МВР за депортирањето на научник: Kолумбискиот државјанин немаше соодветна виза
Министерството за внатрешни работи ги демантира пишувањата на дел од порталите дека научник со колумбиски пасош кој требало да присуствува на конференција во Охрид е депортиран во Цирих.
Од МВР појаснуваат дека колумбискиот државјанин немал соодветна виза.
„На 27 април 2018 година на ГП Аеродром Скопје на влез во Република Македонија од Цирих допатувало лицето Н.О.П. (31), со патна исправа од Колумбија. По извршената пасошка контрола, констатирано е дека Н.О.П. не поседува валидна виза за влез во Република Македонија и на ова лице му е одбиен влез во Република Македонија. Службениците на граничната полиција постапувале согласно законските прописи и ничии права не се повредени ниту пак некој е насилно качен во авион“- велат од МВР.
Од МВР наведуваат и дека виза за влез во Република Македонија не им е потребна на: државјаните на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор; на државјани на трети земји со постојан престој во земја членка на ЕУ или потписничка на Шенгенскиот договор; или на државјани на трети земји со важечка повеќекратна Шенген Ц виза со рок на важност подолг од најмалку пет дена од планираниот престој во Република Македонија; како и на државјани на трети земји со важечка британска, канадска или американска виза со рок на важност подолг од пет дена од планираниот престој во Република Македонија.
„Н.О.П. имала колумбиски пасош со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободува од обврската за поседување виза за влез во Република Македонија“- објаснуваат од МВР.
Невладината организација Охрид СОС вчера обвини дека станува збор за скандал во пресрет на одржувањето на научната конференција на Society of Wetland Scientists за блатни екосистеми во Охрид, на која се најавени бројни ученици од странство.
