МВР: Вработени од тетовското социјално одобрувале надомест со фалсификувано конзилијарно мислење
МВР објави дека е поднесена кривична пријава против поранешна директорка и вработени во Центарот за социјални работи во Тетово, како и три лица од Боговиње кои добиле право на надомест заради попреченост со фалсификувано конзилијарно докторско мислење, иако претходно немале закажан термин.
Пријавите на СВР Тетово се однесуваат на секторскиот раководител Х.А.(46) од Тетово, поранешната директорка В.А.(49) од Тетово, Ќ.Б.Д.(34) од Тетово, стручен соработник, и А.Љ.(40) од Тетово, социјален работник во установата.
Пријави има и против М.Н.(57), Ш.С.(52) и А.Ф.(54), сите од Боговиње, за „фалсификување на службена исправа“ и „давање лажен исказ“ за неосновано да добијат НАДОМЕСТ ЗА социјална помош.
„Во текот на 2024 година, првопријавениот изготвил и донел позитивни решенија за остварување на право на надомест заради попреченост на лице со најтешка телесна попреченост, на име на петто и шестопријавената, за кои претходно не била извршена соодветна проверка, додека второпријавената како директор, потпишала и донела позитивно решение по истиот основ на име на седмопријавената. Трето и четвртопријавените, кои ги воделе постапките за лицата, не извршиле непосреден увид во домаќинството на корисникот, додека петто, шесто и седмопријавената во постапката пред надлежен орган- ЈУМЦСР Тетово, поднеле барања со давање на лажен исказ дека истите ги исполнуваат условите за остварување на правото на надомест за попреченост на лице со најтешка телесна попреченост, а приложиле и фалсификувана службена исправа-конзилијарно мислење, за што по извршените проверки констатирано е дека наведените лица воопшто немале закажан термин“, објави МВР.
Слично
