МВР воведува дигитални забрани за возење: Санкцијата ќе почнува со СМС порака
Министерството за внатрешни работи информира дека со новите законски измени се менува начинот на извршување на прекршочната санкција „забрана за управување со моторно возило“.
Според новите правила, забраната повеќе нема да се впишува физички во возачката дозвола, со што се укинува потребата граѓаните да плаќаат за издавање нова дозвола со впишана санкција.
Наместо тоа, воведен е дигитален систем на известување, преку СМС пораки и електронска пошта.
Процедурата предвидува граѓаните најпрво да добијат прва порака со известување за видот и времетраењето на изречената забрана, која се испраќа околу седум дена по доставување на контакт-податоците.
Осум дена по ова известување се испраќа втора порака, со која официјално започнува да тече санкцијата за забрана за управување со моторно возило.
Од МВР информираат дека досега, според новиот начин на извршување, реализирани се над 3.000 забрани за возење изречени со правосилни судски пресуди.
Министерството ги повикува граѓаните за кои има изречена ваква санкција да ги ажурираат своите контакт-податоци во одделенијата за управни работи, со цел навремено известување и правилно спроведување на постапката.
Паралелно, целосно автоматизирано се спроведува и извршувањето на забраните утврдени преку системот „Безбеден град“, за прекршоци за кои е предвидена ваква санкција.
Од МВР посочуваат дека со овие измени се поедноставуваат процедурите и се намалува административниот товар за граѓаните, а процесот станува побрз и поефикасен.
