Министерството за внатрешни работи(МВР) ја информира јавноста дека со цел одржување на професионалниот стандард, дигнитетот на институцијата и меѓусебната почит, се воведува Кодекс за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи.
„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани пред доаѓање во нашите простории (за подигнување лични документи, пасоши или други административни услуги) да се погрижат нивниот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции“, велат од МВР.
Истовремено, напоменуваат дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување наменет за вработените во Министерството.
Kако неприфатлива облека се сметаат многу куси и тесни здолништа, шорцеви наменети за плажа или спорт, како и облека што го открива стомакот, градите или долната облека. Исто така, не е дозволена облека која се користи во домашни услови, на плажа или во ноќни клубови, како и тренерки и спортска облека. Под забрана се и влечки, папучи, кломпи, налани и апостолки, како и облека со навредлива содржина – текстови, слики или симболи кои можат да бидат несоодветни во институционална средина.
