Економија, финансии, бизнис

Контакт

МВР вели дека телефон и е-пошта се задолжителни за регистрација на возило: што со граѓаните кои немаат?

МВР вели дека телефон и е-пошта се задолжителни за регистрација на возило: што со граѓаните кои немаат?

Граѓани реагираат дека при регистрација на возило од нив се бара да достават мобилен телефонски број и електронска адреса, на кои потоа пристигнува код за верификација. Новата процедура отвори прашања кај дел од сопствениците на возила, особено кај повозрасните граѓани и кај лицата кои немаат сопствена електронска адреса.

Редакцијата на Фактор побара одговор од Министерството за внатрешни работи дали поседувањето е-пошта и мобилен телефонски број е задолжително за регистрација на возило.

Од МВР одговорија дека овие податоци се потребни и задолжителни.

„Поседувањето на е-пошта и телефонски број е потребно за регистрација на возило. Истото е предвидено во Правилникот за дополнување на Правилникот за технички преглед на возила, односно во барањето за регистрација се предвидени електронска пошта и мобилен телефонски број. Согласно наведениот правилник, задолжително е поседување на електронска пошта и мобилен телефонски број“, велат од МВР во одговорот до Фактор.

Што се случува ако сопственикот на возилото нема сопствена електронска адреса, нема мобилен телефонски број, или од лични причини сака комуникацијата да се одвива на друг начин?

Во пракса, веќе има случаи во кои повозрасни лица при регистрација на возило користат електронска адреса од близок член на семејството, бидејќи немаат сопствена е-пошта. Тоа дополнително го отвора прашањето дали електронската адреса треба да биде лична и сопствена, или може да биде адреса на друго лице кое му помага на сопственикот на возилото во постапката.

Во Правилникот за дополнување на Правилникот за технички преглед на возила, објавен во „Службен весник“, се додава образец за промена на податоци во евиденцијата за регистрирани возила. Во образецот се предвидени полиња за стара и нова електронска пошта, како и за стар и нов мобилен телефонски број.

Правни познавачи со кои разговараше Фактор велат дека станува збор за сложена ситуација, бидејќи од достапните одредби во Законот за возила, Законот за заштита на личните податоци и објавените правилници не се гледа јасна законска одредба со која граѓанинот изречно се обврзува да поседува електронска пошта или мобилен телефонски број за да регистрира возило.

„Државата може да се повикува на јавен интерес, безбедност и јавен поредок, но ако регистрацијата би била одбиена поради недоставување вакви податоци, тоа би отворило сериозна правна дилема. На крај, вакво прашање најпрецизно би можел да го расчисти Уставниот суд“, велат правните познавачи.

Дали овие податоци се само дел од техничката постапка за полесна комуникација и верификација, или претставуваат услов без кој регистрацијата нема да може да се заврши.

Прашањето е особено важно за повозрасните граѓани, лицата без дигитални навики, граѓаните кои не користат електронска пошта, како и за оние кои немаат сопствен мобилен телефонски број. Во такви случаи, останува нејасно дали ќе можат да регистрираат возило преку алтернативен начин на комуникација, или ќе мора да достават телефонски број и е-пошта за постапката да биде завршена.

Филип Костов

Слично

Поврзани вести