МВР со детали: Двајцата загинати во вчерашната сообраќајка се од Дреново.
МВР денес излезе со детали откако вчера двајца загинаа, а петмина се повредени во сообраќајната несреќа која се случи околу 17 часот на патот Прилеп-Росоман во близина на село Радобил.
„На 04.11.2025 во 16:40 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на магистралниот пат Градско-Прилеп, кај с.Радобил, прилепско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „киа“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од О.О.(31) од с.Тополница, радовишко и патничко возило „фолксваген пасат“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ѓ.П.(35) од с.Дреново, кавадаречко.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот Ѓ.П. и неговиот сопатник Б.П.(56) од с.Дреново, кавадаречко“, соопшти полицијата.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Прилеп.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „киа“ и неговиот сопатник С.О.(24) од с.Тополница, радовишко, како и сопатниците од патничко возило „киа“ Н.П.(28), Т.П.(53) и С.П.(31) сите од с.Дреново, кавадаречко, констатирани во Градска болница Прилеп и Општа болница Кавадарци“, дополнето е во информацијата.
Од Основното јавно обвинителство синоќа соопштија дека, според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар на два автомобили кои се движеле во иста насока.
