МВР: Пронајдена е само дел од украдената дрога во Арачиново
Министерството за внатрешни работи по дводневната акција во Арачиново и соседното Горно Мојанци соопшти дека е пронајдена само дел од дрогата од два тони која вооружена група ја ограби од компанија за производство на канабис во валандовско Јосифово.
- Во координација со Основното јавно обвинителство, МВР превзема низа мерки и активности за кривичното дело разбојништво во склад на фирма во Јосифово. Постапено е веднаш по добивањето на пријавата, а превземени се соодветни мерки и активности. Во Арачиново и Горно Мојанци најдена е дел од дрогата и други предмети, а приведени се неколку лица, рече портпаролот Тони Ангеловски во брифингот за новинарите.
Тој рече дека има шест осомничени лица за кои има докази, но истрагата се проширува. Само дел од нив засега се уапсени.
