МВР: ЗАКАНИ ЗА ПОСТАВЕНИ БОМБИ ИСПРАТЕНИ ВО ДЕВЕТ УЧИЛИШТА, се прават антитерористички провери
Од МВР за „Фактор“ потврдуваат дека денеска повторно се испратени заканувачки мејлови и тоа во девет средни училишта во Скопје за поставени бомби.
- Околу 14 часот денеска во СВР – Скопје е пријавено дека на мејл адреси на осум училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба - пишуваат од МВР
Веднаш по добиената пријава, нагласуваат од МВР, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, додаваат од МВР.
Дојави за поставени бомби вчера беа упатени преку мејл до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни.
– Проверени се осумте училишта на чии мејлови беа упатени закани за наводно поставени бомби и утврдено е дека пријавите се лажни, информираа вчера од МВР за МИА.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно денеска изјави дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осумте скопски средни училишта е тек.
– Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие мејлови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Учениците од средните училишта кои се веќе вакуирани и самите објавуваат фотографии и видеа од нивната евакуација. Ова е состојбата во близина на средното училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“.
