МВР потврди: Обезбедувач на Назим Буши нападнал полицаец
МВР потврди дека припадник од обезбедувањето на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши нападнал полициски службеник, но демантира дека не се превземени никакви дејствија. Од таму тврдат дека превземени се мерки против лицето С.С, кој бил приведен и против кој ќе има дисциплинска мерка. Од МВР никаде не споменуваат претепување, како што тврди разузнавачот Наќе Чулев, и од таму додаваат дека полицаецот единствено бил спречен да изврши службено дејство.
„Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира невистините изнесени на социјалните мрежи од страна на Наќе Чулев односно ВМРО-ДПМНЕ за наводно непреземање на мерки во врска со напад врз полициски службеник од Единицата за интервентна полиција. Напротив, преземени се сите неопходни мерки. Осомничениот С.С. е приведен и со него е извршен службен разговор.
Одземен му е службениот пиштол и известен јавен обвинител, а против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело спречување на службено лице при вршење на службено дејствие и ќе биде поведена дисциплинска постапка. Апелираме до Чулев и ВМРО-ДПМНЕ да престанат да шират лаги“, гласи демантот на МВР кој наедно е и потврда дека навистина имало инцидент.
