МВР ПО ОБВИНУВАЊАТА ОД ВЕНЕЦУЕЛА: Појавувањето на македонски IP адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од Македонијa
Се огласи полицијата откако властите во Венецуела ја обвинија Северна Македонија за хакерски напади.
Министерството за внатрешни работи(МВР) објави дека ги следат случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани. Како што информираат досега, не се пристигнати никакви барања или информации од властите во Венецуела за понатамошни проверки.
„Исто така, ја информираме јавноста дека дури и појавувањето на македонски IP адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од Македонија, односно по досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или пак да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери. Најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер и без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент со цел блокирање, преоптоварување на истата“, велат од МВР.
Државниот обвинител во Венецуела, Тарек Сааб во понеделникот објави дека од Северна Македонија е извршен сајбер-напад насочен кон изборниот систем, кој наводно го нарушил процесот на броење гласови за време на претседателските избори одржани викендов. Нападот наводно е поврзан со адвокатот и опозициски активист Лестер Толедо. Во земјата има протести поради изборните резултати.
Опозицијата ги оспори изборните резултати и тврди дека Едмундо Гонзалес победил убедливо со 73 отсто од гласовите. Испитувањата на јавното мислење пред изборите покажаа чиста победа на Гонзалес, кој беше поддржан од речиси сите опозициски партии во обид да го собори Николас Мадуро по 11 години на власт. Многу опозициски лидери се засолниле во аргентинската амбасада, плашејќи се да не бидат уапсени.
