МВР: Пасоши мораат да се обновуваат, името се уште не е променето
МВР објасни дека 240.000 бланко обрасци за пасоши со актуелното уставно име се за редовно издавање, бидејќи се уште не е стапени одредбите од Преспанскиот договор, велат од таму како одговор на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ. Од министерството објаснуваат дека два милиони Македонци мора да ги обновуваат личните документи тековно, иако понатаму се очекува да бидат издавани овие патни документи со друг назив на земјата.
Министерството за внатрешни работи ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има неправилности при набавката на бланко обрасци за патните исправи и вели дека станува збор за редовна испорака на патни и лични исправи за граѓаните со цел да се обезбеди нивно непречено издавање.
-Вистината е дека Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се обезбеди непречено издавање на патни исправи на граѓаните, а политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и многу пати досега, ја лаже јавноста во обид да добие некакви политички поени, соопшти МВР.
Во соопштението се посочува дека во тек е испорака на бланко обрасци за патни исправи и таа е во согласност со aнексот на Договорот за изработка на патни исправи и лични документи склучен во 2017 година, каде е утврдена количината на обрасци што треба да бидат испорачани за 2018 и 2019 година.
Количината на пристигнати обрасци, посочуваат, е соодветна на предвидената динамика на потрошувачката од претходните години и е во согласност со преземените договорни обврски.
Околу 240.000 бланко обрасци за пасоши чекаат на царина на само неколку дена пред гласањето на уставните промени во Собранието, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации од медиумите.-Зоран Заев и Оливер Спасовски или го кршат Уставот и законите набавувајќи бланко обрасци за патни исправи со променето име Северна Македонија или прават криминална зделка во која што набавуваат огромна количина обрасци со името Република Македонија, а за десетина дена планираат да го сменат уставното име. Власта која најави гласање на уставните измени до 15 јануари набавила околу 240.000 бланко обрасци. Дали овие обрасци се со името Република Македонија или со името кое Заев и Ципрас го договорија, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, доколку обрасците се со името Република Македонија, а власта го промени името на државата во Собрание тогаш тие 240.000 обрасци вредни милиони евра ќе бидат неупотребливи и ќе треба да се уништат, а парите дадени за нивна набавка ќе бидат директна штета за државата. Во вториот случај, вели, доколку обрасците за пасоши се со името Северна Македонија, што ќе се случи доколку името не помине во Собрание, дали повторно истите се неупотребливи и ќе треба да се уништат.
