МВР не ги објавува снимките од инцидентот со Асани и полицајката Јаначковска
МВР нема да ги објави снимките од нападнатата полицајка Јасмина Јаначковска со функционерот на ДУИ Бекир Асани бидејќи истите се предадени до Јавното обвинителство за понатамошно постапување. Без оглед што јавноста нема доверба во официјалната верзија на настаните, директорот на БЈБ Лазе Велковски тврди дека засега МВР нема законска основа да ги објави службените снимки.
Во однос на овој случај, Велковски ја повтори вчерашната изјава на министерот Оливер Спасовски дека од страна на МВР целокупниот материјал што е обезбеден за случајот со полицајката е предаден до Основното јавно обвинителство.
– За снимките постои законска процедура во кои рамки и на кој начин се обезбедуваат и се доставуваат до ОЈО. Од тие причини ние не сме во можност да ги објавиме снимките во медиумите, туку законска обврска е да ги доставиме до ОЈО, рече директорот на БЈБ.
До инцидентот дојде откако Бекир Асани, висок функционер на ДУИ, вербално ја нападнал полициската службеничка Јаначковска која го повикала пајак возилото за остранување на непрописно паркираниот автомобил. Потоа таа и пред министерот Спасовски кажа дека самата се удрила во пајакот, но дека не завршила со поголеми повреди.
