МВР: Нападот во „Инфомакс“ го направило лице кое претходно лежело во Психијатриската болница Бардовци
Полицијата излезе со соопштение за нападот на реакцијата на „Инфомакс“, додека во живо одеше емисијата „Тешки муабети“.
„Полициски службеници од ПС Кисела Вода го лишија од слобода Г.С.(43) од Скопје, веднаш по добиената пријава на 10.12.2025 во 23:45 часот од страна на А.М., водител на емисија на порталот Инфомакс, кој во СВР Скопје пријави дека во редакцијата на порталот, лоцирана на ул. „Востаничка“ во Скопје, машко лице влегло во редакцијата, додека траела програмата во живо, оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата, во која гостин бил поранешниот градоначалник С.Ј., а биле присутни и водителот М.Н. и камерман. Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци. По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г.С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка“, велат од МВР.
Министерството за внатрешни работи вели дека и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од обвинителството пак, велат дека веќе се постапува, а повеќе детали најавуваат во текот на денот.
„Дежурен јавен обвинител е известен и веќе постапува. Лицето е задржано, прибираме докази“, велат од Обвинителството.
